Мицкоски: Благодарност до унгарската Влада, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе уредба до Владата за парична награда за вклучените во борбата против коронавирусот

од Берта Китинска
374 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот официјален фејсбук профил упати благодарност до унгарската Влада која денеска испратила пакети помош составена од маски и медицински заштитни одела за луѓето во првата линија во борба против пандемијата.

– Сакам да испратам посебна благодарност до унгарската Влада која во овие тешки моменти за сите, одвои средства и испрати помош за македонските граѓани. Денеска пристигнува унгарскиот министер за надворешни работи и голем пријател на Македонија, Петер Сијарто заедно со пакети помош составена од маски и медицински заштитни одела за луѓето во првата линија во борба против пандемијата. Благодарност до премиерот Виктор Орбан и до целата Влада од која минатата недела побарав, а денес испорача помош значајна за нашите луѓе кои се борат да спасат животи, напиша Мицкоски на ФБ.

Воедно, додава тој, благодарност што во услови на затворени граници, ова ќе биде прва официјална посета на земја членка на ЕУ во овие кризни времиња. Пријателите, како што наведува, се познаваат во тешките моменти.

-Истовремено ќе продолжам да лобирам, остварувам контакти и во рамките на можностите да барам помош за нашата земја. Благодарност и до вистинските херои кои се борат на дневна основа за нашето заедничко здравје. Сакам да соопштам дека многу брзо ќе поднесеме и уредба до Владата за парична награда за оние кои се вклучени во заштитата на здравјето и борбата против короната. Потребна е поддршка и заедничка грижа за хероите. Се надевам дека целата Влада ќе ја поддржат иницијативата, но уште поважно, така заеднички ќе испратиме благодарност до оние кои се вложуваат себе си, за сите нас, порача Мицкоски.

Тој смета дека потребно е да се покаже хуманост и да се дејствува, секој во рамките на своите можности и средствата со кои располага.

-Времето поминато во политиканство и ниски страсти значи пропуштено време да се дејствува и вистински да се помогне. Затоа решив да помогнеме од позиција на опозиција со сите наши сили и онолку колку дозволуваат условите, додава Мицкоски на фејсбук.

Слични содржини