Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за „Алфа“ ТВ изјави дека новите десничарски партии, кои би се формирале а во нив би фигурирале личности како Митко Јанчев, Никола Тодоров и Петар Богојески, се по нарачка на СДСМ и премиерот Зоран Заев.
„ВМРО-ДПМНЕ е обединета. Последните резултати од претседателските избори тоа го покажуваат, но истовремено легитимна е желбата на власта, на СДСМ и на Зоран Заев да прават еден вид проблеми во рамките на опозицијата и тоа е една легитимна постапка. Така што сетоа она што би значело атомизирање и тоа било какво, па дури и во рамките на некои незначителни процеси, во случајов му одговара само на СДСМ и Зоран Заев, рече Мицкоски од Ресен.
Дополни дека наскоро ќе го прошири тимот од 16 стратешки соработници кои ги именува вчера а меѓу нив се најдоа Гордана Силјановска Давкова, Сашко Кедев, Игор Дурловски, Борко Ристовски и Александар Климовски.
„Тимот од 16 стратешки соработници ќе се проширува во периодот што ќе следува. Ова се врвни професионалци а она што не поврзува со тие родољуби е патриотизмот и желбата да се приклучат кон „Обновата за Македонија“. Тоа се врвни личности со голема желба, со голема мотивација, со голема посветеност прифатија да бидат мои советници“, додава лидерот на опозицијата.