Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа го повика премиерот Димитар Ковачевски ако верува дека францускиот предлог е добар за државата и иднината на граѓаните, тогаш кога ќе се врати од Брисел да прифати предвремени парламентарни избори, за кои што рече тоа ќе бидат референдумски избори каде што граѓаните ќе одлучат, а не избори за власт.
-Ако верува Димитар Ковачевски дека ова е добар предлог, ако си го сака својата држава и народ нека дојде од Брисел и нека им каже: ” Луѓе јас ќе седнам со опозицијата ќе договорам предвремени избори во октомври или ноември, јас ќе ја бранам тезата ова е добар предлог за иднината, опозицијата ќе напаѓа, но народот нека одлучи, референдумски” . Тоа не се избори за власт, тоа се референдумски избори, изјави Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Според него, доколку се реализира францускиот предлог за спорот со Бугарија, тогаш има сплет од повеќе кривични дела и одговорност.
-Па тие се полнолетни луѓе, министри, премиери. Они тоа свесно го прават и се слагам со вас, немам тука никаква дилема, дека тие тоа го прават свесно. И дека е основа за кривично дело, да. Но, не можам јас да си дозволам сега од позиција на лидер на опозиција, или утре ако се случи тоа, а најверојатно ќе се случи според анкетите да имам можност да формирам кабинет, да судам, да пресудувам или да обвинувам. Тогаш би бил како нив. Но, ако ме прашате како граѓанин, од мое лично име да има основа за сериозни сплет од кривични дела и не едно, туку повеќе кривични дела, рече синоќа Мицкоски.