Мицкоски: Инвеститорите ќе не заобиколат поради објавување на висината на субвенциите

од Vladimir Zorba
76 прегледи

Владата на вчерашната седница донесе одлука за декласифицирање и објавување на субвенциите кои им се даваат на странските инвеститори во Македонија, потег кој ќе влијае на потенцијалните инвеститори и нивните намери да дојдат во земјава да инвестираат, изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека „не е никаква тајна, ниту е незаконски тоа што Македонија како и повеќето земји низ светот, кои се борат за странски инвестиции, да дава субвенции по некаква основа.“

– Давањето на субвенции било согласно закон и истото даде огромни резултати во намалување на невработеноста, отворањето на нови работни места, зголемување на извозот, пренос на технологии и знаење, обезбедување работа за домашните компании како и добавувачи или партнери од различен вид. На крај резултираше со зголемување на индустриското производство, раздвижување на економијата, зголемување на конкурентноста, и пораст на севкупниот домашен бруто-производ (БДП) – изјави Мицкоски.

Според него, постои огромна конкуренција при привлекувањето на инвеститорите вклучително и во сегментот на субвенциите.

– Компаниите кои доаѓаат, не посакуваат јавно објавување на нивните договори и приходи по основ на субвенции, а тоа не и одговара ни на државата. Понекогаш кога конкуренцијата на земји за еден инвеститор е голема и силна, а неговата важност огромна, субвенциите се поголеми, а некогаш може да се успее и со помали субвенции, тоа е предмет на преговори, а во поретки случаи се успева и без субвенции – додаде Мицкоски и потенцираше дека наместо во Македонија, земји на инвестирање ќе бидат Бугарија, Србија, Албанија, Романија, Турција, Унгарија и Чешка.