Новиот мандатар, а наскоро и нов премиер, Димитар Ковачевски, најави дека откако ќе се формира новата влада ќе има средба со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Пратеникот Антонијо Милошоски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ вели дека доколку добие Мицкоски покана за средба со Ковачевски таа ќе биде прифатена под услов да се разговара за предвремени избори.
-Сакам да ја информирам јавноста е поврзана со прашањето или најавите за можна средба помеѓу претседателот на СДСМ Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Таква покана се уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата Ковачевски – Мицкоски да се разговара за предвремени избори како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која што се наоѓа државата, да се разговара за содржината на одговорите кои што Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1 за кои што ниту јавноста, ниту Собранието за жал не се запознаени и тоа е дел од невладината нетранспарентност, како и да се разговара за зголемени ангажмани за борба против криминалот и корупцијата бидејќи Македонија и во регионот и во Европа е на најниското 111-то место на индексот за борба против корупција, појасни Милошоски.