Коронавирусот одзема животи, а Комисијата за заразни болести не е на нивото на задачата и главниот проблем е што се исполнуваат политички нарачки, наместо да се носат одлуки за заштита на здравјето, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Во ситуација кога се вклучува политичкиот калкулатор за броење на новозаразени, со цел да се глуми нормалност, секоја погрешна одлука ќе се врати како бумеранг, има катастрофални резултати во економијата, пад на извозот од 60%, потребно е пакетите за поддршка да важат за јули и август, вели Мицкоски.
Додека државите околу нас излегоа како победници од кризата, ние се претвораме во балкански Вухан, вели лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во своето денешно обраќање.
Мицкоски оценува дека комисијата за заразни болести не е на нивото на задачата и оти главниот проблем е што се исполнуваат политички нарачки, наместо да се носат одлуки за заштита на здравјето.
„Се сеќавате кога Заев, Спасовски, Царовска, Ангеловска не убедуваа дека блескаме, дека економијата практично соборува резултати? Е, вчерашниот податок сето тоа го демантира, но го демантира на брутален начин. Имено, катастрофалниот низок раст на македонската економија во првиот квартал изнесува нешто повеќе над нулата или цели 0.2%“, вели Мицкоски.