Прашањето за избори не е затворено. Одговорот на Ковачевски не е изненадувачки. Продолжуваме со активизмот, во Собранието, институциите, ќе не гледате низ градовите и улиците. Во периодот кој што следи, ќе имаме протестно лето. На есен имаме нов сет на чекори, ќе биде динамично. Одговорноста за сето ова ја има владата и Ковачевски, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на следните чекори на партијата откако владеачките партии го одбија предлогот за утврдување датум за предвремени избори.
Мицкоски појасни дека би бил несериозен ако сега излезе со прецизни активности што ќе се случуваат во наредните месеци.
-Ќе протестираме, ќе не гледате по улиците, маалата, пред институциите, таму каде што цениме дека треба да го изразиме револтот, заедно со граѓаните. Внимателно мериме секој месец кои институции и области граѓаните имаат најголема забелешка и таму да настапиме. Важно е да се знае дека оваа влада се ближи кон својот крај. Инстант-успеси не постојат. Ветувам голем триумф. Многу блиску е ВМРО-ДПМНЕ до мнозинство во парламентот, рече Мицкоски во емисијата „24 анализа“.