Мицкоски најави протестно лето

од Берта Китинска
299 прегледи

Пред нас се предвремени парламентарни избори на кои ќе ја бараме довербата на граѓаните и на кои ќе покажеме дека не сме сите исти, иако некои водат кампања дека сите политичари биле исти, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Битола.

Тој рече дека на 18 јуни ќе одржат протест пред Владата, по што ќе следува протестно лето со цел да има предвремени парламентарни избори.

– Премиерот изјави дека сѐ што направиле во овие 4 месеци е повеќе отколку во изминатите 4 години. Изјавата на премиерот не ја чувствуваат граѓаните и сѐ што граѓаните не чувствуваат тогаш кажаното е манипулација и лага. Ако премиерот сака да биде реален треба да каже дека имаме рекордна инфлација, дека сме на дното според странски и домашни инвестиции, дека капитулиравме пред енергетската криза, дека сме во фаза на капитулирање пред економската криза и дека нема перспектива затоа што се разурнати сите национални позиции, а граѓаните живеат тешко и едвај врзуваат крај со крај, од први до први. Тоа е реалноста со која треба да се излезе пред граѓаните, а не да се даваат лажни изјави – истакна Мицкоски.