Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека не би сакал да е вистина она што вчера на судењето на случајот „Рекет“ го кажал Бојан Јовановски. Смета дека по сведочењето на Јовановски, обвинителството треба да покрене истрага по допрен глас.
-Не би сакал да е вистина тоа што го слушнав. Зошто не би сакал да е вистина? Зашто на крајот од денот тој човек бил претседател на владата, и ако тој човек како претседател на владата поттикнувал такви работи тогаш тоа е страшно. Уште пострашно е што тој човек излегува и бара мандат од граѓаните да продолжи со таквиот начин. Јас сум свесен, и сум различен од него и верувам во мудроста на граѓаните и сето она кое што го гледаат и нема да кажам, како што тој вели, дека граѓаните биле виновни за ова што ни се случува туку ќе им честитам на граѓаните што беа трпеливи во изминатиот период, туку вината треба да се насочи кај некои други луѓе. Затоа не би сакал да верувам дека тоа што го сведочеше Бојан Јовановски вчера е вистина. Но доколку е вистина, а тоа треба да го истражат органите како што е обвинителството по допрен глас, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека, сепак, не очекува тоа да се случи. Мицкоски ја критикуваше обвинителката Вилма Русковска, која требала веднаш да покрене истрага по допрен глас по сведочењето на Јовановски, и затоа, додаде тој, опозицијата и граѓаните немаат доверба во обвинителството што таа го води ниту пак во правосудниот систем.