„Наместо да ги гонат тие што вршат изнуда и ја ограбиле компанијата, МВР ги бара свиркачите, тие кои што се сомневаат дека ги доставиле овие информации до мене“, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за дневникот на ТВ Сител, за случајот со РЕК „Битола“.
Според него, полицијата не треба да бараат таму каде што не постојат свиркачите, туку да се свртат околу најтесното раководство на СДСМ.
„Тие се од таму. Нема да излегуваме во јавноста со имињата на тие луѓе. Јас не другарувам со нив, сум ги видел еднаш или двапати, но ми ги доставија овие документи, бидејќи биле од јавен интерес“, додава Мицкоски.
Според опозициската партија, приказната за случајот со РЕК „Битола“ почнува во 2018 година, кога на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“.