Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска изјави дека ставот на претседателот Стево Пендаровски „воопшто не му значи“.
-Не би можел да кажам дека сум разочаран, само го чекав денот кога ќе го направи ова „салто мортале“. Тој од државник се претвори во послушник и ќе се врати на оригиналните позиции. Би бил разочаран од некој чиј што став ми значи, имајќи во предвид дека неговиот став воопшто не ми значи. Тој е погрешен избор за претседател. Тој во 3-4 денови ги менува позициите, од црно на бело и од бело на црно, вели Мицкоски како реакција на изјавите за референдумското изјаснување на Пендаровски.
Според Мицкоски, сите сме за да бидеме дел од ЕУ.
-Дури и Левица вика дека се за се приклучиме кон ЕУ и во тој правец. Прашањето е дали овие политичари имаат кредибилитет да разговараат и да потпишуваат договори во име на сите граѓани. Затоа ни е потребен последователен референдум. Би се вратил на првото прашање „Дали сте Македонија да биде дел од ЕУ под овие услови“ и тоа е добра основа за референдумското прашање. Периодов ќе го искористиме за дополнителни консултации, рече Мицкоски во интервју за вестите на Тв Канал 5.
Пендаровски вчера кажа дека станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави, како што кажа, прилично неочекувано.
-Верувате дека човекот кој ги правеше на крај заедно со неколкумина други тие ревизии кои беа неопходни за францускиот предлог да помине, човекот кој стоеше зад Преспанскиот договор, човекот кој беше за Рамковскиот договор, човекот кој никогаш не го оспори Бугарскиот договор од 2017 година, верувате дека може сега ќе каже дајте референдум за овие работи? Па, јас ги работев овие сите тие документи заедно со многу дгуги. Францускиот предлог на крај со Макрон директно за две-три точки заедно го работев. И сега јас да барам референдум за тоа, праша Пендаровски.