Мицкоски не открива дали го прашал Петков чиј е Гоце Делчев: „Беа кажани многу работи“

од Nikola Popovski
230 прегледи

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не откри што разговарал со бугарскиот премиер Кирил Петков при неговата еднодневна посета на Скопје.

-Нема да зборувам за тоа што разговарав со Петков на средбата. Ќе оставам на она цивилизирано дипломатско ниво. Средбата траеше нешто повеќе од еден час и беа кажани многу работи. Сепак, имам чувство дека сето ова што беше, посетата на Петков е парада, а не е суштина, вели Мицкоски во гостувањето на дневникот на ТВ Сител.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде и дека добил голема поддршка од Македонците во Бугарија.

-Ќе се грижам за сите нив, но не само за нив, туку и за Македонците во Косово, Србија, Грција и по другите земји. Да покажеме зрелост кон нашите луѓе низ светот, појаснува Мицкоски.

Дента пред посетата на бугарскиот премиер, Мицкоски побара од новинарите на Петков да му постават три прашања.

-Првото, чиј е Гоце Делчев, на кој народ му припаѓа, второто кој го кренал Илинденското востание и третото, зошто инсистираат македонскиот јазик да биде согласно Уставот, а не само македонски јазик. Овие три прашања ако ги одговори правилно, тогаш навистина мислам дека тоа што го кажува бугарскиот премиер, тоа и го мисли и тогаш можеме веднаш да ги започнеме преговорите со ЕУ. Ако новинарите не ги постават овие прашања, јас ќе му ги поставам. Ќе имаме тет-а-тет средба. Ќе му поставам уште некои други прашања и ќе му ги кажам позициите на ВМРО-ДПМНЕ, информира Мицкоски, рече Мицкоски во гостување на една емисија.