Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес од од митингот во Јегуновце порача дека локалните не се обични избори, туку дека на нив се одлучува во која насока ќе се движи државата.
„Со новата Влада, јас ви ветувам дека уште во првите 100 дена следи одговорност за сиот криминал, корупција, предавства, понижувања, омаловажувања и се она што се случуваше изминатите четири години“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека во првите пет дена од кампањата при разговарање со граѓаните заклучи дека граѓаните се многу разочарани од власта и нејзината неспособност.
„Земјоделците разочарани поради ниските цени на производите, откупот не оди, а субвенциите доцнат. Не велам дека чуда може да се случат веднаш по изборите, но по овие избори следи нова влада на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се трасира патот по кој ќе се движи нашата татковина“, вели Мицкоски.