Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечер во Скопје ќе одржи протест за промени преку кој повторно ќе испорача барање за одржување предвремени парламентарни избори.
Во најавата за подготовките на протестот, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил сподели видео на кое се гледа и како е осветлено скопското Кале со повик за „протест за промени“.
„Дел од подготовките за големиот масовен собир. Осветлено Скопското Кале. Скопје пулсира. Протест за промени! Затоа што навистина премногу е. Се гледаме Македонијо… Пред Влада, 20 часот!“, сподели Мицкоски.
Мицкоски повика на масовен протест во 20 часот со цел, како што рече, обединување против лошата власт која ги загорчува животите на илјадници луѓе.
„Кога државата се соочува со предизвици, удари, со понижувања, со сиромаштија, одрекувања и порекнувања ВМРО-ДПМНЕ природно и разбирливо е предводник на знамето кое обединува, и тоа е обврската која јас ја прифаќам со чест и со целото мое срце. И ако праша некој зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и јас нема да молчиме кога народот страда, кога чувствува несигурност, гнев и трпи понижувања. Тоа се работите кои без малку ги чувствува секој еден човек без разлика на верата и нацијата. Нема да молчиме бидејќи сега треба да бидеме гласни. И ние таа битка ќе ја водиме. И за таа цел вратите на народот се широко отворени. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените“, вели Мицкоски, кој синоќа на социјалните мрежи објави дел од подготовките за вечерашниот протест.