Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска информираше дека партијата утре во ДИК ќе ги предаде 100-те потписи на иницијативата за собирање 150 000 потписи за распишување на задолжителен референдум за уривање на Договорот со Бугарија од 2018 година.
На новинарско прашање што доколку се раскине Договорот со Бугарија, дали ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат поддршка за уставни измени, Мицкоски вели „ајде да успее референдумот, да го раскинеме Договорот со Бугарија“.
-ВМРО-ДПМНЕ е државотворна партија и знае што е добро за државата и народот. Овој договор е отровно дрво што уште сега вади отровни плодови. Со него е нападнат македонскиот идентитет и нашиот напредок во преговорите со ЕУ ќе зависи од преговорите во Историската комисија. Не е добар сосед, ниту пријател оној што ти ја негира и присвојува историјата. По раскинувањето на овој договор, може да се разговара за нов договор со Бугарија, на фер основи, изјави Мицкоски на брифинг со новинарите и беше дециден дека се додека не се напушти Договорот со Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени.
За да се соберат неопходните 150.000 потписи законските одредби предвидуваат три месеци, и доколку тоа се оствари следува период од 60 до 90 за кампања за референдумот што значи дека тој би се одржал во февруари или март догодина.
На забелешка на новинарите дали може референдумот да се совпадне со евентуални предвремени избори, Мицкоски истакна дека не се откажуваат од таа идеја иако станува збор за два различни политички процеси.