Мицкоски се сретна со кандидатите за министри и заменици во техничката влада

од Aleksandar Todeski
301 прегледи

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил објави видео на кое се гледа како одржува состанок со предложените технички министри и заменици за преодната влада чиј мандат треба да почне на 3 јануари, кога и почнуваат да се одбројуваат сто дена пред изборите.

„Ветив работа и жилава посветеност која мора да донесе реални резултати затоа што народот не смее да биде разочаран, а илјадници судбини чекаат подобри времиња и промени, заедно да работиме за Македонија која се обновува. Тоа е голема одговорност која ја прифаќам. За добар почеток на годината, на состанок со мојот кабинет и луѓето кои ќе имаат одговорна задача во Техничката влада да ја заштитат народната волја. Новата година носи надеж, шанса и промени кои ќе донесат обнова. Нека е среќна и бериќетна“, напиша Мицкоски.

Инаку кандидатот за технички премиер, Оливер Спасовски денеска рече дека се надева дека лидерот на најголемата опозициска партија до утре ќе донесе одлука кого да го кандидира за технички министер за внатрешни работи, откако неговиот предлог е противуставен, бидејќи е униформирано лице, а Уставот предвидува оној кој ќе ги води одбраната и полицијата повеќе од три години да биде цивилно лице.

Слични содржини