Јас навистина сум зачуден од тоа што го кажа вчера, бидејќи се повикува на единство во рамките на Европа, а токму тој е факторот кој што создава неединство бидејќи јас лично и ВМРО-ДПМНЕ многу пати во минатото подадовме рака, го повикавме на дијалог, сакавме дијалог во овие кризни времиња според него и според многу други членови на неговиот кабинет од Владата, самите тие констатираа дека се кризни времињата и неколку пати апелиравме да се седне, да се разговара, па ајде чекавме 100 дена да поминат и повторно апелиравме, но некако отсуството на мудрост и државнички капацитет во владата која Ковачевски ја води а и кај него самиот, доведе да веднаш таа подадена рака ја одбие, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Прилеп, одговарајќи на новинарско прашање кое се однесуваше на реакцијата на премиерот Димитар Ковачевски за најавената активна блокада на Собранието од страна на опозицијата.
Според Мицкоски, без прашањето за датум за предвремени парламентарни избори не може да се разговара.
-Ние сме свесни дека сето тоа води кон поларизација и дополнително фрустрирање на граѓаните, но едно знам, дека граѓаните три четвртини од нив или 75% мислат дека оди во погрешна насока и дека оваа влада треба да си оди. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и како таква мора да мисли на граѓаните, ние сме партија на народот и така се однесуваме. И бидејќи така се однесуваме, јас можам уште еднаш да подадам рака бидејќи до десетти има уште околу четири дена, да се вразуми и уште еднаш да размисли, да седнеме да зборуваме, додаде Мицкоски.
Ковачевски денеска нагласи дека е отворен и Владата е отворена за соработка. За Парламентот вели дека се одвива најнормална парламентарна дебата во која што учествуваат сите политички партии, а тој има дневни контакти со претставници на политички партии.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска изјави дека би седнал на маса со опозицискиот лидер, за да дебатираат за клучните прашања, особено за проблемот со Бугарија. Ахмети посочи дека е подготвен е за дебата и компромиси но, не ја одобрува најавената блокада на Собранието од страна на опозицијата.