Мицкоски смета дека е последен браник против криминалот, за СДСМ неговото дејствување е незрело

од Берта Китинска

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека нема да се кандидира во случај на вонреден конгрес, а, од друга страна, кажа дека нема да се повлече додека „мафијата не добие правда“
И лидерот на СДСМ губеше на избори, ама не се повлече од функцијата, посочи водачот на опозицијата Христијан Мицкоски, во гостување на Телма, не одговарајќи прецизно дали чувствува одговорност што ВМРО-ДПМНЕ не победи на годинешниве парламентарни избори.

Тој себеси се нараче последниот браник против криминалот и корупцијата.

-Сите што бараат моја оставка, нека достават иницијатива за вонреден конгрес до партијата. Ако органите на партијата одлучат да има вонреден конгрес, секако треба да има. Ако има вонреден конгрес, јас нема да се кандидирам. Јас сум последниот браник против криминалот и корупцијата. Последниот браник од оние кои беа длабоко инволвирани во Рекет, оние кои ја задолжија држвата, оние кои ја банкротираа Еуростандард…, рече Мицкоски.

За СДСМ, ништо не се менува кај губитникот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

По којзнае кој пат Христијан Мицкоски покажа дека не може да се помири со тоа што парите од Буџетот завршуваат кај граѓаните, реагираат од СДСМ на интервјуто на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дадено за Телма.

„Не само што е против четвртиот пакет мерки, не само што е против тоа да се спасуваат стотици илјади работни места, против да се зајакне куповната моќ на невработените и пензионерите, Мицкоски јавно најави дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието повторно ќе се обиде да блокира мерки што се во интерес на граѓаните. Мицкоски вечерва јавно најави дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокираат „Викендот без ДДВ“ со кој околу 17 милиони евра ќе завршат кај граѓаните, дека ќе ги блокираат платежните картички за пензионерите со ниски пензии“, се вели во реакцијата.

Според СДСМ, деновиве, Мицкоски дрско лажел дека биле ветени четири викенди без ДДВ, што во реалноста никогаш не се случило.

„Ништо не се менува кај губитникот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои силно се противеа и против покачување на пензиите, против поголема минимална плата, против мерката Мој ДДВ. Во опозициската партија се уште е силно присутна режимско-криминалната матрица. Затоа Мицкоски очајно и со сите сили и ден денес ги брани криминалците во редовите на својата партија кои се правосилно осудени. Таквото неодговорно, незрело и антидржавно дејствување на Мицкоски му гарантира сигурно место во опозиција уште долги години, граѓаните на три изборни циклуси по ред јасно порачаа дека не поддржуваат нечесни, деструктивни личности како Мицкоски кои работат против интересите на граѓаните и државата“, се вели во реакцијата.

Слични содржини