Наспроти тврдењето дека како партија нема да критикуваат додека државата се справува со коронавирусот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Дојче Веле испрати низа критики кон министерот за здравство, Венко Филипче.
„Седум дена ги повикуваме да разговараме. Седум дена трае игнорантскиот однос кон нашиот повик. Седум дена траеше „медениот месец“ на Филипче и останатите од власта. Тој меден месец заврши. Не можеме да аплаудираме. Мора реално да гледаме на состојбите во државата. Јавно ќе поставам прашање: со колку здравствен персонал – лекари и средномедицински кадар, располага здравството? Колку епидемиолози има? Каде се ангажирани тие? Зошто досега се направени само околу 260 тестови? Одговорот е јасен: затоа што немаат тестови. Се тестираат само најакутните случаи, и оние кои имале контакт со заразен. А, стотици луѓе се вратија од ниско и високоризичните држави“, вели тој.
Тој обвинува дека лица од Комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ биле комплетно игнорирани од менаџментите на клиниките, бидејќи јавно настапувале од името на нашата партија.
„Ние стоиме на располагање. Реков, игнорирани сме од власта, а состојбата е загрижувачка. Вчера попладнето се потврдени нови случаи. Заболено е четиригодишно девојче од Штип, од видно семејство вратено од Лондон. Заболено е лице од Гостивар, од Скопје… Фронтот на заразата се шири. Не се веќе во прашање само Дебар и Жупа. Нам не ни треба министер кој ќе се однесува како портпарол којшто само соопштува бројки на заболени, туку да каже кои протоколи се аплицирани. Или, колкави се стоковите резерви? Бидејќи, прашање на ден е кога ќе се надмине бројката од 100 заразени. Кој ќе ја соопшти таа бројка? Пак ли ќе му аплаудираме? Или ќе се качиме кај хациендата во Нерези, таму да аплаудираме? Еве, во тек е набавка на 50 респираторни апарати. Четири компании се пријавиле. Ги знаеме понудите, ги знаеме цените, ајде да видиме на каква цена ќе го потпишат договорот“, вели Мицкоски.