Мицкоски за „Фокус“: Немаше договор за Обвинителство бидејќи Заев сака да има контрола

од Vladimir Zorba

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за неделникот „Фокус“ открива дека договор за Законот за јавното обвинителство имало, но потоа од СДСМ ги смениле темите.

-Договор за законот за јавното обвинителство имаше пред десетина дена, практично ставовите беа до толку приближени што извесен беше договорот во тој момент. Следниот ден преговарачката страна на СДСМ дојде на состанокот и почнаа да рециклираат теми од минатото. Еден од претставниците, ќе дозволите сега да не именувам поединечно, наметна прашање и теми што се однесуваа на 27 април, на 24 декември, па дури дел од соговорниците од преговарачкиот тим на СДСМ ги прашуваше како вие можете со ВМРО-ДПМНЕ воопшто да преговарате. Значи, една небулозна ситуација. И беше јасно дека тие всушност не сакаат договор, вели Мицкоски.

Според него, СДСМ не сакале договор бидејќи ако го изгласале таков каков што бил договорен, вели тој, Законот повеќе немало да биде алатка на СДСМ за уцена на политичари и за рекетирање бизнисмени.

-Ние поставивме прашања дали тоа што во јавноста се дискутира и е предмет на јавен интерес, е точно или не бидејќи ако е предмет на јавен интерес, јас како граѓанин го финансирам СЈО, тогаш јавно поставуваме прашање дали определени лица заедно со определени структури со МВР ја злоупотребиле својата моќ, информации, и го искористиле тоа за да уценуваат, за да рекетираат, одговара претседателот на ВМРО-ДПМНЕ прашан дали смета дека рекет има во пошироки димензии, а не само во истоимениот случај.

Мицкоски нагласи дека сите граѓани што доаѓаат до ВМРО-ДПМНЕ и кои пријавуваат случаи за притисок, за рекет и за уцени ги препраќаат онаму каде што треба тие случаи да се препратат, а тоа е во Јавното обвинителство.

Слични содржини