За понудените контакти и позиции што ВМРО-ДПМНЕ ги достави до Владата за набавка на поевтини енергенси, лидерот Христијан Мицкоски вели дека „тоа не е подадена рака на Владата, туку подадена рака на граѓаните и државата“.
-Оваа состојба во енергетиката полека се трансформира и во економијата. Ние дадовме концепт кој што ќе не води до крајот на оваа година и следната, без разлика кој ќе биде на власт. Констатиравме дека Коморите имаат многу маки и проблеми, а штом бизнисот има проблеми, тогаш имаат и граѓаните, рече Мицкоски во емисијата „360“.
Претседателот на најголемата опозициска партија тврди дека полека ја враќаат ВМРО-ДПМНЕ на победничките партии.
-Во Македонија, покрај Македонци и Албанци и има и други етнички заедници претставени преку свои партии. Доколку ме прашате кого преферирам, јас ја преферирам албанската опозиција за евентуална коалиција во Влада, но често пати говорам дека сепак има едно правило, а тоа е Бадентер. Во политиката, научив дека партија за да биде голема и цел, мора да се сврти од самите себе кон народото. Ако не го влечете легитимитетот со народот, да разговарате и помагате, тогаш не можете да бидете успешен и ќе барате изговори. Стојам на тезата дека Ахмети направи историска грешка со прифаќање на францускиот предлог. Без разлика дали утре би соработувале, јас би седнал и би поставил сериозни критериуми за како ќе функционираме. Ако некој погрешил, не значи дека треба да го отпишете. Христијански е да се седне, да се прости и разговара, да се укори и од човекот кој што погрешил да се побара да биде на вистинската страна на историјата, рече Мицкоски околу евентуално со кого би преферирал да коалицира доколку дојде на власт.