Мицотакис најави зајакнување на вооружените сили

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во саботата објави дека Грција сака да ја зајакне својата одбрана, во време на зголемени тензии со Турција во врска со активностите во источниот Медитеран.

Атина планира да купи осумнаесет француски борбени авиони „Рафал“, објави грчкиот лидер за време на телевизиското обраќање.

„Дојде време да ги зајакнеме нашите вооружени сили. Ова е важна програма што ќе создаде национален штит“, рече грчкиот лидер во Солун, додавајќи дека тоа ќе создаде илјадници нови работни места, пренесува Франс Прес.

Грција планира да набави четири нови и да ажурира четири постојни фрегати. Бројот на војници за нив исто така ќе се зголеми за 15.000, како и залихите на противвоздушни ракети, торпеда и друга муниција.

Грција и Кипар веќе со месеци се во спор со Турција во врска со делови од источниот Медитеран, за кои трите земји тврдат дека имаат право да извлекуваат природен гас.

Мицотакис во саботата ја обвини Турција за „закана“ кон грчките граници и загрозување на регионалната безбедност.

Спорот во Медитеранот резултираше во тоа што Турција испрати истражувачки бродови во спорните води, по што сојузниците од Европската унија ги испратија своите пловни објекти во тие области, а Анкара и Атина извршија воени маневри.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во саботата го нападна францускиот претседател Емануел Макрон, затоа што го критикуваше.

„Не се играјте со турскиот народ, не се играјте со Турција“, рече Ердоган во Истанбул, предупредувајќи го францускиот лидер дека „не ги слушал“ предупредувањата.

Макрон на почетокот на неделава објави дека Турција, една од воено најмоќни членки на НАТО, повеќе не е „партнер“ во Средоземното море поради нејзините територијални претензии и истражување на гас во водите на Грција и Кипар.

Макрон ова го рече за време на неформалниот самит со јужните членки на ЕУ, кој ја предупреди Турција да не презема „еднострана акција“ на Медитеранот.

Турскиот истражувачки брод „Оруч Реис“ е сè уште близу кипарскиот брег, но вчера требаше да ја напушти областа.

Слични содржини