Мојата порака денес е јасна: во согласност со поставените критериуми, да понудиме интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ до 2033 година – амбициозна, но остварлива временска рамка. А првиот чекор мора да биде одлука за две седмици во Брисел за деблокирање на патот на Северна Македонија и Албанија, пишува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата колумна за „Политико“, посветена на ЕУ перспективата на регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
Во пресрет на Самитот на високо ниво во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што денеска се одржува во Солун, грчкиот премиер во колумната под наслов „Време е европското проширување да се врати на вистинскиот пат“, порачува дека „ЕУ мора да го исполни ветувањето од Солун за Западен Балкан“.
-Денешните состаноци доаѓаат помалку од две седмици пред состанокот ЕУ- Западен Балкан во Брисел и Европскиот совет, каде би можеле да се донесат важни одлуки за регионот и иднината на блокот. А Балканот, како и многупати досега во својата историја, повторно застанува на првата линија на конкурентните сфери на влијание – застрашувачки потреси може да се почувствуваат под површината. Затоа, време е ЕУ да биде искрена со себе и со регионот, пишува грчкиот премиер.
Дополнително, вели дека на Балканот, како и насекаде, постојат „непријателски актери кои сакаат да ги поткопаат напорите, а имаат конкурентен перцепција и аспирации кои ги газат човековите права, владеењето на правото и основните слободи“ и го користат јазикот „на
огорченоста, ревизионизмот и империјалната носталгија“.
-Не можеме да дозволиме да се развие вакуум за дејствување на таквите актери, простор во кој тие мислат дека можат да успеат, додава Мицотакис.
На крајот од колумната, грчкиот премиер пишува дека сака да верува дека „ЕУ е подготвена да го исполни предизвикот за обликување на
иднината на нашиот континент на начин кој ќе обезбеди стабилност и просперитет за генерациите што доаѓаат“ и со зборовите „време е да го
одржиме нашето ветување од Солун“, Мицотакис ја завршува колумната.