Мизо очекува целосно заздравување во автомобилскиот сектор до 2025 година.

од Vladimir Zorba

Целосно заздравување со автомобилскиот сектор нема да се случи брзо и многу зависи за кои региони станува збор. Оваа година е изгубено производство од околу 11.4 милиони возила на глобално ниво. Планот за раст за годинава е околу четири отсто споредено со 2021, со тоа што САД и Кина ќе го почувствуваат заздравувањето многу побрзо и во поголем обем. Кај нив, враќањето во некоја „нормала” ќе се случи во втората половина на 2023, додека за Европа тој процес ќе потрае до 2025 година. Нормално овие анализи и проекции се засновани врз претпоставка за лимитирани идни влијанија на Ковид-19, вели во интервју за МИА Виктор Мизо, Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство .

Во услови на пандемија, кога голем број фирми се соочија со отпуштање вработени, кај странските компании, според Мизо, годинава е забележано намалување на вработените за околу два отсто. Енергетската криза, додаде, неколкукратно ќе ги зголеми трошоците за струја на компаниите, што дополнително и директно ќе влијае на финансиските резултати. Токму затоа, подвлече, неопходна е помош од државата, барем во првиот квартал од годинава.

– Сите вработени, од оператори, техничари до инженери и менаџери, ја споделуваат судбината на компанијата во која се ангажирани. Стагнацијата, а веќе и опаѓањето на профитните маргини и обем на производство значи и поумерен раст на нови вработувања, оптимизирање на трошоците и генерално, поголема рационалност во бенефитите за вработените. И покрај негативните околности, компаниите се стремат да ги задржат вработените, но сепак дополнителни финансиски мерки од страна на државата за задржување работни места во автомобилската индустрија, која реално гледано трпи најдолгорочни последици, се неопходни барем за време на првиот квартал од 2022 година, вели Мизо.

Слични содржини