Мизрахи – Мантованели: Подобрување на социјалните услуги и детската заштита, како и зголемување на пристапот до квалитетни социјални услуги

од Aleksandar Petrovski
202 прегледи

Подобрувањето на социјалните услуги и детската заштита, како и зголемување на пристапот до квалитетни социјални услуги се темите на кои се разговараше на денешната средба на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи со директорот на кацеларијата на Светска банка, Марко Мантованели.

На средбата Мизрахи го информирала Мантованели дека нејзин приоритет како министерка за труд и социјална политика е да продуцира процеси коишто носат до подобри услови за живот и благосостојба на граѓаните.

Таа смета дека намалувањето на сиромаштијата, детектирањето на социјалните ризици и проблеми, како и поддршката на социјално-ранливите категории е возможна само преку напорна работа, преку постојана будност и следење на социјалните текови во државата и согласно со тоа прилагодување на социјалните политики кон нив.

Директорот на кацеларијата на Светска банка Марко Мантованели истакнал дека Светска банка е подготвена да продолжи со силна поддршка на сите започнати процеси во сферата на социјалната заштита, бидејќи системот на социјална заштита е тој којшто треба да им обезбеди на најранливите можност да излезат од сиромаштијата и да станат продуктивни членови на општеството.

– Тековната Стратегија на Светска банка за соработка со земјата, како и проектите кои се реализираат во областа на социјалната и детската заштита ќе придонесат во постигнување на горе наведените цели, соопштуваат од прес-службата на МТСП.

Двајцата соговорници изразиле подготвеност за заедничка соработка во интерес на граѓаните и општеството како целина и со цел унапредување на правата и заштитата на сите категории на граѓани.

Слични содржини