Филипче денеска на прес-конференција побрза да се правда, но несмасно. Господине Филипче, се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос, реагираше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи во однос на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче и обвинувањата дека не постоеле извештаи за работата на Клиниката за онкологија и стручните комисии.
Мизрахи укажа дека извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите. Според неа, стручните комисии ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи, инаку тие се согласно членот 226 б.
-Да ве потсетам исто така господине Филипче дека за време на анкетната комисија вие некако на ништо не се сеќававте, затоа сакам директно да ве прашам: Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани.
Господине Филипче треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо освен системски башибозук, рече меѓу другото пратеничката обвинувајќи дека претходната власт оставила долг од 12 милиони евра на Клиниката за онкологија.
Филипче денеска ги покажа извештаите потенцирајќи дека е срамно тврдењето на Мизрахи дека немало никакви извештаи. Тој побара извинување од партијата на власт до целата македонска јавност, но и до него, „што ја донесоа јавноста во заблуда и го оцрнија моето име“. Филипче очекува и Обвинителството да се изјасни за овој дел од скандалот.
-Мизрахи тврди дека такви извештаи немало од клиниката кон министерството, дека немало стручна контрола од стручините комисии и сите овие изминати месеци.Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден таков грозоморен случај за политички поенни, па згора на се да се кријат докази од истражните органи? Луѓе умираат таму како мачиња затоа што не сакаат да земат лекови. Треба да си понесат политичка одговорност, додаде пратеникот и лидер на СДСМ за недостигот на лекови од биолошката терапија за онколошките пациенти.
Мизрахи вчера обвини дека бизнисот бил карциномот на здравствениот систем. На панел дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Моќта на лековите, живот или профит“ за случувањата во Клиниката за онкологија, таа изјави дека за шест месеци не можете да направите преглед на сите пациенти кои што поминуваат низ клиниката, а кога немате аналитика за бројот на пациенти, не можете да направите аналитика за набавките кои ви се потребни. Додаде дека недостасувале 6 месечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку коишто се довела самата Клиника во долгови до 12 милиони евра, никогаш не биле пропишани протоколи, дека никогаш немало вонреден надзор и други увиди кои ги изнела Анкетната комисија.
За шесте лекови од биолошката терапција кои што се во дефицит за онколошките пациенти, директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски информираше дека за многу брзо време лековите ќе бидат достапни. Еден дел од лековите ќе бидат решени со донации кои ќе се реализираат во текот на недела. Како што кажа Клековски, лековите се во земјава и ги има на залиха, а дел од нив ќе бидат со анекси на договорите.
Болните од рак кои се лекуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија повеќе денови се без неопходната терапија. Тие алармираат дека од петокот (17 јануари) има недостиг на шест лекови од биолошката терапија, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште три други. Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје велат дека проблемот е настанат поради административни процедури.