Евлампија Реви, новинарка од грчкиот ТВ канал Open, се расплака за време на преносот во живо од Евија, каде што беснеат пожари и ги собра симпатиите и поддршката на цела Грција!
Реви се „скрши“ по разговорот со постар жител на Галатсон на Евија, кој одби да се евакуира од својот дом, кон кој се доближуваше пожар.
Постариот маж има проблеми со дишењето, но тој не сакаше да го напушти својот дом додека пламенот се приближуваше, туку се обиде да го изгасне огнот со црево од чешма.
„Зошто не заминете одовде? Не можете да дишете, што правите овде?“, го праша новинарката старецот.
„Каде да одам?“, извика тој со тешкотии и додаде: „Не се плашам за себе, се плашам за мојот дом“.
Новинарката потоа почна да претура по нејзината торба за да најде маска и да му ја даде на старецот. Бидејќи не можеше да ја најде, му понуди на старецот да оди со нејзиниот новинарски тим со автомобилот.
Тогаш старецот ѝ се заблагодари и се расплака. Реви се „скрши“ во тој момент и самата заплака. Прилогот течеше цело време на ТВ, по што започна лавина коментари за поддршка и пофалби за младата новинарка.