Младата и талентирана македонска ликовна уметничка Олимпија Камчева-Стојческа е добитник на специјалната награда SantiPharma Award, која се доделува во рамки на престижниот меѓународен конкурс Arte Laguna Prize во Венеција, Италија.
Наградата SantiPharma Award се доделува на млади уметници кои преку своето творештво обработуваат актуелни општествени и визуелни теми и важи за еден од најреномираните светски конкурси за современа уметност. Познат е по своето стручно меѓународно жири, составено од истакнати куратори, уметнички критичари, директори на галерии и институции, како и влијателни професионалци од глобалната уметничка сцена. Жирито ги оценува делата според нивната оригиналност, уметничка вредност и современ визуелен јазик, а селекцијата се смета за особено релевантна и кредибилна поради независниот и интернационален карактер на процесот. Ваквата висока професионална селекција ѝ дава дополнителна тежина и значење на наградата која годинава и припадна на Олимпија Камчева-Стојческа.

Олимпија Камчева-Стојческа; Фото: Приватна архива
„Ми претставува голема чест што сум избрана за добитник на специјалната награда SantiPharma Award. Ова признание за мене има особено значење, не само како професионален успех, туку и како силна мотивација да продолжам да создавам, да учам и постојано да ги поместувам сопствените креативни граници. Благодарна сум за можноста мојата работа да биде препознаена од меѓународно жири и да биде дел од една ваква престижна платформа за современа уметност.“ изјави Олимпија.
Олимпија Камчева Стојческа е талентирана македонска ликовна уметничка чии дела се препознатливи по силниот колорит, експресивната форма и современиот визуелен јазик, преку кој ги истражува состојбите на модерното време и визуелната култура на секојдневието. Зад себе има реализирано шест самостојни изложби претставени во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција и Монако. За своите досегашни изложби, Олимпија има добиено одлични рецензии од истакнати уметници и ликовни критичари, кои ја препознаваат нејзината енергија, експресивност и современ пристап кон визуелниот израз.
Со добивањето на SantiPharma Award, нејзиниот уметнички пат добива уште една силна меѓународна потврда. Во моментов Олимпија ја подготвува својата седма самостојна изложба која следната година ќе биде претставена пред публиката во Виена, по што ќе следуваат уште голем број уникатни ументички проекти потпишани од младата уметничка.