Младиот гениј од Штип ќе добие еднократна парична награда од општината

од Nikola Popovski
275 прегледи

Основецот Дамјан Давков од Штип, што го освои второто место во конкуренција на средношколци на Балканската математичка олимпијада во 2019 година, а на Државното првенство по математика беше прв, ќе добие еднократна парична награда од 15.000 денари, од страна на Општина Штип, информира денеска министерката за образование, Мила Царовска. 

Од Министерството соопштуваат дека преземаат обврска за повторно да го преиспитаат целиот случај околу постапката за доделување на парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и постапката и начинот на кој е организиран самиот натпревар од страна на здружението на наставници кое ја има акредитацијата за организирање на натпреварите по математика.

„Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. Сепак, во соработка со локалната самоуправа во Штип, ученикот ќе биде поддржан со еднократна парична награда од 15 илјади денари и признание за почесен граѓанин на општината“, велат од Министерството.

Роднини на талентираниот математичар велат дека немаат намера да поведат спор пред Управниот суд за да добие парична награда која изнесува 50 проценти од просечната плата, туку бараат државата повеќе да ги стимулира младите кои го докажуваат својот квалитет на официјални натпревари што самата ги организира. Тие додаваат дека во Законот за средно образование никаде не пишува дека ученикот мора да биде средно образование за да биде награден.

Слични содржини