„Македонскиот државјанин, Мартин Сипковски (21), беше убиен во експлозијата што се случи на 1 октомври околу 21:30 часот во стан на улица Косовска“ во Белград. Неофицијално, како што пренесуваат денеска дел од српските медиуми, во станот имало околу 1,5 килограми „Пентрит“, кој го разнел станот што го изнајмил младиот Македонец.
Според официјалните податоци, како што пишуваат српските медиуми, тој го добил експлозивот од Филип В. (26), кој е осомничен дека го набавил нелегално и му го предал на Сипковски. На 1 октомври, околу 21:45 часот, Мартин, при обид да ракува со материјалот, го активирал и експлозивот го убил на лице место.
Неговиот идентитет бил утврден за време на обдукцијата и размената на податоци меѓу српската и македонска полиција во врска со трагите од ДНК.
Минатата година Сипковски беше споменат во македонските медиуми како млад човек кој „го заменил ракометот со манекенство“.
За него се пишуваше како прв Македонец кој потпишал договор со престижна модна агенција во Истанбул и студент на Факултетот за бизнис и менаџмент во Скопјe. Како што се пишуваше во тоа време, поради повреда на вратот, тој ја напуштил својата најголема љубов – ракометот кога играл за РК „Вардар“. Кога влегол во криминалните води, засега не е познато.
Истрагата е во тек — надлежните власти се обидуваат да утврдат зошто и како експлозивот се нашол во употреба, за кого бил наменет, и какви се точните околности на смртта на Сипковски.