Младите бегаат од физичка работа, сакаат да работат во администрација или во ИКТ секторот

Работодавачите велат дека индустријата е преплавена со работници во поодминати години и добар дел од нив за брзо време ќе мора да заминат во пензија, но замена нивна скоро и да нема. Младите луѓе не сакаат тешка работа, колку и да е платена

од Vladimir Zorba
25 прегледи

Младите не ни помислуваат да работат во земјоделство, индустрија или во фабрика. Најголемиот дел од нив сакаат да работат во јавна администрација или како програмери во некоја компанија каде нема физичка работа.

И покрај тоа што висината на плата во некои индустриски гранки не е за потценување и надминува 1.000 евра, сепак работна сила нема. Приватниот сектор кубури со квалификуван кадар, а потешките индустриски гранки имаат сериозен проблем да најдат работници.

Фото: СИЕР

-Платите во некои приватни компании од индустријата се повисоки од просечната, но младите не сакаат да работат. Во металната индустрија, индустријата за производство на челик и рударството има недостиг на работна сила, а просечната плата изнесува околу 1.000 евра. Во рударскиот сектор платите се нешто повисоки од 80 до 90 илјади денари, а во металната индустрија и индустријата за производство на челик се движат од 50 до 60 илјади денари. Некои подобростоечки компании прашањето со недостиг на работна сила и нови вработувања го решаваат со давање на стипендии на ученици кои потоа работат во нивните компании, велат од Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија.

Работодавачите велат дека индустријата е преплавена со работници во поодминати години и добар дел од нив за брзо време ќе мора да заминат во пензија, но замена нивна скоро и да нема. Младите луѓе не сакаат тешка работа, колку и да е платена.

Фото: Фејсбук/Принтскрин/ТВ Сител

– Младите повеќе сакаат да работат во јавен сектор и покрај тоа што платите се пониски, бидејќи се работи за канцелариска работа и има поголема слобода во однос на користење на работното време, одмори, слободни денови, боледување, неплатен одмор…. Тоа не е дозволено во приватен сектор, каде работодавачот мора да најде замена за тој работник, за да не трпи производството. Во приватниот сектор не се глада партиската припадност, туку способноста и придонесот на работникот во работата на компанијата. Работникот не може да прави долги паузи и подолго време да биде отсутен од работното место, особено кога се работи за индустрија и производство бидејќи работата ќе остане незавршена, вели за „Локално“ Ангел Димитров од Организација на работодавачи.

И земјоделството е една од гранките за кои не постои интерес од младите за работа. Се помалку млади луѓе се одлучуваат да останат во руралните средини и да го продолжат семејниот бизнис.

Според претседателот на Националната земјоделска мрежа Ѓорги Каракашев, земјоделството не е атрактивна дејност од причина што бара откажување од многу цивилизациски вредности.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Одиме Рурално

-Оваа гранка не познава празници, годишни одмори, К-15, боледување и слично. Едноставно, луѓето кој го работат ова најчесто живеат во рурални средини каде имаат дефицит на основните потреби и немаат елементарни услови за живот. Тука најмногу би ги спомнал пристапните патишта, улично осветлување, канализација, објекти за културен живот, здравствени услуги, буквално сѐ, вели Каракашев за „Локално“.

Земјоделството, металната, текстилната, електро индустријата и останати индустрии ги чека тешок период во обезбедувањето на кадар и нивно вклучување во производствениот процес. Од друга страна пак, млaдите се повеќе се заинтересирани за новите технологии и преферираат да се вработат во ИКТ индустријата.

Освен висината на платите, вработените во оваа индустрија добиваат и серија други поволности кои ретко може да се сретнат во останатите сектори во стопанството.

Б.С.