Младината на СДСМ бара ревизија на случајот со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сергеј Попов кој пред 10 години добил осудителна пресуда за предизвикување на сообраќајна несреќа. Од подмладокот на најголемата опозициска партија потсетуваат дека Попов во 2014 година возел пијан, без возачка дозвола и направил тешка сообраќајна несреќа. Попов поминал со парична казна од 500 евра.
-Јавно го поставуваме прашањето за селективноста на правосудниот систем во тоа време. Дали ова е резултат на политички притисок и влијание од ВМРО-ДПМНЕ, партијата што тогаш ја држеше под целосна контрола судската власт? Затоа овој случај мора да претпри целосна ревизија. Сите добро знаеме дека во 2014 година судството беше под диктат на ВМРО-ДПМНЕ, под контрола на тефтерчињата на Гордана Јанкуловска, изјави Јовица Јанковиќ потпретседател на СДММ.
Во петокот, пратеникот и лидер на УМС при ВМРО-ДПМНЕ призна дека учествувал во сообраќајка и дека оттогаш не седнал позади волан. Призна и дека не положил за возачка дозвола.
-Кога се зборува за тоа дека наводно сум прегазил жена на улица, би сакал да ја исправам оваа теза. Случајот во кој беше вмешано моето име не беше таков. Се случи сообраќајна несреќа, судар со друго возило, кој резултираше со повреда на жена која се возела во другото возило. Оваа ситуација нема никаква врска со наводните изјави и не може да биде поистоветена со трагедијата која ја доживеа Фросина. Не постојат никакви сличности помеѓу мојата ситуација и тоа што се случи со неа, порача Попов, велејќи дека извлекол поука од целата ситуација.
-Во меѓувреме, ги исплатив сите штети кон лицата кои беа засегнати од моето недолично однесување. Таа грешка беше не само за мене, туку и за сите околу мене, и беше навистина важна лекција во мојот живот, вели Попов во својата објава.
Попов пред неколку дена, по смртта на младата Фросина Кулакова, порача дека граѓанска должност на секој поединец е да го крене гласот против нефункционалниот систем.
-Убиството на младата Фросина е доказ дека главната борба треба да биде насочена кон тоа да добиеме судии и обвинители кои ќе ја вршат својата работа и нема да дозволуваат апсени криминалци да шетаат по нашите улици. Заедно со моите колеги од УМС, денес ќе се придружиме на протестниот собир пред Силбо, да изразиме сочувство за Фросина, како и револт против системот кој убива, стои во објавата на Фејсбук.