„Младите не само што имаат глас, туку и реална моќ да ја обликуваат својата сегашност и иднина“: Доделени награди за младинско учество

Наградата за младинско учество се доделува во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст од 15 до 29 години, кои спровеле иницијатива со општествена вредност, категорија на не-формални групи на млади (најмалку 3 членови), кои здружено реализирале соработнички проекти, и категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

од Vladimir Zorba
8 прегледи

Меѓународниот ден на младите – 12 Август беше обележан вчера со доделување на плакети за младинско учество. Настанот беше организиран од МТСП во соработка со Националниот младински совет на Македонија и поддршка на ОБСЕ.

„Младите не се само во фокусот на работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје – тие се клучни партнери: лидери, иноватори и двигатели на промени. Секојдневно го гледаме тоа во вашата активност, креативност и посветеност за праведни, безбедни и инклузивни заедници. Преку нашата тригодишна стратегија ќе продолжиме да го поддржуваме младинското учество,” изјави Енрика Вида, раководителка на Канцеларијата за политички прашања и комуникации, најавувајќи нова категорија – Наградата за млади и безбедност, која ќе биде доделена следната година.

„Националниот младински совет на Македонија повеќе од една деценија е гласот на младите во институциите и во јавноста – платформа што ги обединува формите на младинско организирање со една заедничка цел – да ги претставуваме интересите и потребите на младите, да бидеме мост кој ќе ги поврзе со сите релевантни чинители, и да обезбедиме нивно целосно и активно учество во процесите на донесување одлуки на локално, национално и европско ниво. Да продолжиме заедно – институции, организации, поединци – во градење општество во кое младите не само што имаат глас, туку и реална моќ да ја обликуваат својата сегашност и својата иднина,” порача Ивона Кузманоска – в.д Претседателката на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Наградата за младинско учество се доделува во три категории: индивидуална категорија (млади на возраст од 15 до 29 години, кои спровеле иницијатива со општествена вредност, категорија на не-формални групи на млади (најмалку 3 членови), кои здружено реализирале соработнички проекти, и категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации.

Добитник на наградата во индивидуална категорија е Калина Чакареска. Во категоријата на не-формални групи на млади добитник е Support Kocani и во третата категорија на младински организации, организации за млади и чадор младински организации добитник е Сојуз на извидници на Македонија.

Секоја година Меѓународниот ден на младите- 12 Август се одбележува со промовирање и валоризирање на успесите на младите. Оваа година на добитниците на наградите за младинско учество свечено им беа доделени плакети, а по завршување на изборниот процес ќе следи и реализација на наградата. Јавното онлајн гласање за добитници на наградата за младинско учество започна на 10.07.2025 година, а заврши заклучно со 31.07.2025 година. По официјалното затворање на онлајн гласaњето извршена е детална проверка и анализа на доставените гласови преку платформата SurveyLegend. Анализата опфати проверка на техничките параметри (IP адреса, оперативен систем, прелистувач, уред и уникатен External ID) со цел да се утврди валидноста и уникатноста на гласовите. Ваквата постапка на проверка е воспоставена пракса и во претходните години, со цел да се обезбеди фер и транспарентен избор на добитниците.

Слични содржини