Младите невработени мажи се темпирана бомба

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Македонија е на самиот европски врв според ниско квалификувана работна сила, односно според процентуалниот дел на работни места во професии за кои се бара никакво или ниско ниво на образование. Тоа го покажуваат најновите податоци за меѓународни споредби од Евростат. Станува збор за податоци кои веројатно можат да бидат интересни во светлината на извештајот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), на кој внимание му посветија македонските медиуми, а според кој Косово е втора земја со највисока стапка на невработеност кај младите лица во светот, по Босна и Херцеговина.

На ранг-листата на Евростат Македонија го зазема убедливо првото место според уделот на т.н. едноставни работи, односно вработувања со поедноставни работни задачи – кои изнесуваат 16,5 отсто од вкупниот број вработени. Веднаш зад Македонија, како втора на табелата, е Турција со 15,3 отсто. На дното на табелата, со најнизок процент ниско квалификувана работа рака, а што веројатно не може да претставува некакво поголемо изненадување, се скандинавските земји, – Норвешка, со најмал износ 3,8 и Шведска со 4,8 отсто, а блиску до нив се и Швајцарија, Чешка и Финска. Просекот во рамки на ЕУ е нешто повеќе од 9 отсто.

Ниско квалификуваните работни места вообичаено се поприсутни во структурата на пазарот на трудот во земјите во јужна Европа, иако тоа не ја објаснува целосно сликата поврзана со оваа проблематика бидејќи над споменатиот европки просек се наоѓаат и земји какви што се Белгија и Данска. Во секој случај, нискиот процент на работни места со поедноставни работни задачи во земјите кои се на дното на ранг-листата на Евростат најмногу би можело да се поврзе со релативно малите разлики во структурата на платите според бранши, како и високите почетни приправнички плати. Само 10 проценти од вкупната работна сила во Шведска, ако се спореди со ЕУ-просекот, се вработени кои имаат најниски плати.

Но структурата на пазарот на трудот во виско развиените економии во западните земји покажува дека сепак не може да се прават директни споредби со, на пример, балканските земји, вклучувајќи, ја се разбира, и Македонија, а имајќи предвид дека во некои западно-европски земји повеќе од една третина од вработените на раборни места со ниско образование и поедноставни работни задачи се – имигранти. Тоа е значајно поголем удел отколку кога се гледа на пазарот на трудот во целина, при што во скандинавските земји, помалку од 20 отсто од вработените се со странско потекло. Но, пред се, младите се тие кои најмногу фигурираат како вработени во професии со ниска квалификација и низок степен на образование.

Младите невработени мажи се темпирана бомба чие детонирање не може да се одложува во недоглед, доколку бомбата, всушност, веќе не е на пат да експлодира. Така звучат коментарите во скандинавскиот печат, поаѓајќи од фактот дека раширената невработеност меѓу младите со ниско образование, како и меѓу имигрантите од кои мнозинството или работат со ниска квалификација или пак работат на црно и со тоа придонесуваат за намалување на платите во низа бранши. Доколку бомбата не екслодира сепак не експлодира сега, одложената социјална експлозија, проследена со пораст на сивата економија, криминалот и девијантните однесувања, ќе биде практично несопирлива со својата разорна моќ во сите сфери на општествениот живот и на социјалната држава.

 

Ивица Челиковиќ

 

Слични содржини