Младите треба да добијат шанса да ги менуваат институциите – решенија за „билетот во еден правец“

од Vladimir Zorba
136 прегледи

Институциите целосно да се отворат за младите и нивните барања и идеи, а студентите со конкретни активности за подобрување на јавните услуги да покажат дека навистина има што да понудат за позитивна промена во општеството – беше заклучено на дебатата насловена „Билет во еден правец – Дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“.

На јавниот настан кој беше организиран од страна на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) беа презентирани две конкретни идеи за подобрување на квалитетот на живот на студентите и нивно вклучување во процесите на одлучување.

Првата, креирање на прва студентска платформа за општествена одговорност поддржана од македонските компании која ќе се презентира пред стопанските комори и побара нивно вклучување за поддршка на студентите. И втората, иницијатива до владините институции и општините за вклучување на студенти во својата работа преку која заеднички ќе влијаат за подобрување на јавните услуги за граѓаните.

Можеби е касно, истакна претседателот на УСС УКИМ, Славчо Темелковски, но мора да се проба и да се даде шанса на секој млад човек, но и да се вклучат младите во процесите за да се смени менталниот склоп на системот.

„Кучињата лаат, караванот си врви, односно гледаме многу зборување, а малку акција и реализација. Во меѓувреме младите си одат, а институциите продолжуваат како ништо да не се случува. Затоа, заедно со ИДУЕП иницираме максимална вклученост и инволвираност на заинтересираните млади во носењето на институционални одлуки, менување на системот одвнатре и со конкретни чекори и решенија, поддржани најмногу од дигитализацијата. Ваквите промени треба да се случат што поскоро, а владините и општинските институции треба да дозволат дел од работите да ги водат оние кои се во тек со актуелните работи – а тоа се младите“, рече Темелковски.

Студентската правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Викторија Постоловска вели дека на јавната дебата заеднички било заклучено дека држава која младинските политики ги занемарува и игнорира, е држава која полека изумира.

„Младите не само што треба да ги надраснат длабоко вкоренетите дисфункционални системи, туку и транспарентно да се изјаснат против нив. И тука огромна одговорност лежи кај одговорните лица за младински политики во институциите, а особено во јавните институции кои имаат надлежности во делот на младите. Од нив е потребно конечно да видиме конкретни мерки за подобрување на положбата на младите во општеството.“, посочи Постоловска.

Дека институциите не треба да останат само на зборови и декларативна поддршка за младите, смета и Бленди Ходаи, претседател на Форумот за образовни промени.

„На младите им треба подигнување на квалитетот на живот, подобро образование, ама и држава и институции што се функционални да донесат продуктивни младински политики. Доста беше времето каде само се зборува за младите, сега е време да се направат конкретни работи и чекори и да се даде шанса директно на младите да го сменат општеството на подобро“, посочи Ходаи на јавната дебата „Билет во еден правец – Дали институциите преземаат нешто за да го променат ова?“.

Не сите млади сакаат да ја напуштат државата, забележува претседателката на Факултетското студентско собрание при Факултетот за ликовни уметности, Милена Петковска. Многу од младите, смета таа, се залагаат за градење на подобра иднина дома за нив и нивните сограѓани.

„Сепак, иселувањето е комплицирана одлука и тие што си заминуваат од државата имаат различни мотиви и причини. Како држава која има минато со нестабилност и превирања, сето тоа создава чувство на несигурност што пак е една од мотивациите за младите да бараат постабилни и предвидливи услови за живот на друго место“, посочи Петковска.

Вакви иницијативи и конструктивни дебати треба да бидат мотив и причина за поголема волја за придонес кон младинската политика е ставот на Александар Николовски, кој е претседател на Факултетското студентско собрание на Економскиот факултет во Скопје.

„Клучен елемент за младите да купат повратен билет и своето стекнато знаење да го инвестираат во нашето општество е промената на фокусот во водењето на националната политика кон секое општествено поле“, истакна Николовски.

Кирил Панов, студент на Универзитетот „Американ колеџ“ заклучува дека за него е вистинска чест да модерира ваков формат на јавна дискусија каде се критички се согледуваат проблемите, ама истовремено младите се активни и нудат решенија како да се излезе од оваа состојба.

„Ентузијазам, амбиција и поттик за индивидуален напредок на секој човек ќе помогне во подобрувањето на системот и на институциите затоа што кога зборуваме за државата и државните органи треба да ни биде јасно дека тоа секој од нас, тоа сме ние граѓаните“, рече Панов.

Институциите, како и политичарите е неопходно да стават реален фокус на младите и да им дадат шанса на младите луѓе да преземат одговорност, смета Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП.

„Има позитивни примери помеѓу институциите, но тоа е недоволно. Засега, тие само зборуваат за младите или ги викаат да им бидат декор и оправдување дека нешто прават за да ја променат состојбата во која живеат, учат и работат младите луѓе. Даваме конкретни иницијативи и искрено се надевам дека институциите ќе сфатат дека треба да се менуваат, да „засукаат ракави“, да излезат на терен, меѓу младите и заедно да дејствуваат. Стратегии и дебати треба и водиме ние како граѓански организации. Од институциите се чека акција, бидејќи алатките за промена на работите се во нивни раце“, истакна Кордалов.

На дебатата, во публиката присуствуваше и пратеничката, Моника Зајкова, која е и координаторка на Клубот за младински прашања во Собранието, неформално тело во кое членуваат пратеници и пратенички од различни политички партии на возраст до 35 години. Таа даде поддршка на овие иницијативи, но и да даде поттик до институциите да направат системски реформи, наместо паушални решенија. Зајкова истакна дека ја поддржува гласноста на студентите и младите луѓе со цел остварување на своите права и потреби и ја нагласи подготвеноста да учествува во реализацијата на нивните барања.

 

Слични содржини