ММА со поддршка на Владата за измена на член 102 од актуелниот Закон за ААВМУ

од Vladimir Zorba

Македонската медиумска асоцијација на националните терестријални телевизии, земајќи го во предвид речиси едногодишното живеење и работење во услови на светска пандемија, ја известува јавноста за нашата поддршка на Владата на С.Македонија во однос на нивната иницијатива.
Станува збор за измена на членот 102 од актуелниот Закон за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се забранува било какво користење на буџетски средства за било какво информирање преку приватните радиодифузери, соопштија од ММА.

„Сепак, земајќи ја во предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес , како што се на пример кампањите за заштитните мерки од Ковид-19, во смисол држење дистанца, носење на маски и сл., сметаме дека како европската, така и домашната јавност мора на вистинит но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести , интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух и др.

Затоа нашата асоцијација на национални терестријални телевизии бара од Владата да подготви предлог измена на членот 102, кој истиот потоа ќе го достави до Собранието на Македонија, по што очекуваме Собранието да ја обезбеди горепосочената измена предложена од Владата.

Бенефитот на ваквите кампањи треба и мора да го почуствуваме сите, независно на етничка, верска или политичка припадност, и најважно , нашите сограѓани заслужуваат да добијат едукација, но и вистинска а не лажна и при тоа навремена а не измислена информирација за теми и прашања од исклучителен јавен интерес, од кои ние сите ќе имаме лична но и општествена придобивка.

Кампањите од искучителен јавен интерес, како што е на пример сегашната активност за имунизација на нашето население, нема никој право ниту пак смее да ги попречува да допрат до што е можен поголем број на наши сограѓани, на ефектен и правовремен начин, за што најдобар канал за пласирање на истите се националните терестријални ТВ канали“, се додава во соопштението.

Слични содржини