Ако не се исполни политичкиот договор од Пржино тоа може негативно да се одрази на економскиот раст и на целата економија. Неисполнувањето може негативно да се одрази и на интеграциите на Македонија во Европската унија, предупредува Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај на Извршниот одбор на директори.

Македонија годинава ќе оствари помала раст споредено со лани и тој ќе достигне 3,2 отсто, прогнозира ММФ. Нашата економија лани порасна 3,8 отсто.
ММФ ѝ сугерира на Владата да води подисциплинирана фискална политика, односно да ги смали трошоците за, на тој начин, да го намали јавниот долг.
„Долгот на јавниот сектор од 2008 година речиси е дуплиран и изнесува 43,3 отсто од бруто домашниот производ остварен лани. Во 2014 година буџетскиот дефицит се зголеми до 4,2 отсто од БДП. Во првата половина од годинава, има подобра реализација на данокот на добивка и на акцизите главно поради повторното оданочување на добивката и на поголемото производство на цигари од владиниот стратешки проект на партнерство со “Филип Морис”, сумира Фондот.
Монетарците прогнозираат дека буџетскиот дефицит годинава ќе се искачи на 4 отсто од БДП, а главни виновници за тоа ќе бидат послабата реализација на ДДВ-то и на неданочните приходи, повисоките плати на полицијата и зголемените трошоци поради влошената безбедносна ситуација. Претходно ММФ прогнозираше дека годинава дефицитот ќе изнесува 3,4 отсто од БДП.