Конфликтот во Газа може да им наштети на економиите на соседните земји, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), посочувајќи ги можните нарушувања во регионалниот туризам и трговијата.
„Туризмот во соседните земји би можел да се намали, а постои и можност за повисоки цени на нафтата и гасот“, изјави синоќа во Вашингтон Џули Козак, шефица за комуникации во ММФ.
Таа наведе дека се можни и нарушувања на финансиските пазари и регионалните трговски патишта, што би резултирало со повисоки трговски трошоци.
„Од глобална перспектива, економските последици засега се релативно ограничени, но ситуацијата е многу неизвесна“, продолжи Козак.
„Најтешко ќе бидат погодени економиите на Израел, палестинскиот Западен Брег и Појасот Газа, но крајниот опсег на негативните последици ќе зависи од времетраењето и интензитетот на конфликтот“, истакна Козак.
Таа посочи дека ММФ е „шокирана и тажна поради хуманитарната ситуација и загубата на човечки животи во конфликтот“.