Многу е чудно како Палевски ги има записниците од испитувањето на останатите обвинети, рече обвинителката Крстевска

од Nikola Popovski
66 прегледи

По барањето на првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски за изземање на обвинителката Жаклина Крстевска и целото Обвинителство за незаконска истрага и упатувањето серија обвинувања, Крстевска денеска во изјава за медиумите порача дека обвинетиот го искористил моментот и ги изнел сите свои наводи. Според неа, Обвинителството има преземено доволно дејствија и вели дека сите негови наводи се неосновани.

-Доказите се приложени и очигледно е дека со презентирањето на видео-записите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена со дејствијата на Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметните настани. Обвинителството ги има обезбедено сите докази и сите дејствија од наша страна се преземени, кажа Крстевска.

Според неа, ниту еден бранител на останатите обвинети за убиствата не разговарал со Обвинителството, надвор од службените дејствија, во смисла на испитување на обвинетите.

-Многу чудно е како тоа обвинетиот Палевски ги има записниците за испитување од осомничените Видевски, Кешишев, Манев и Ѓорчевски во Обвинителството. Тие не се доставени на увид и многу е чудно како дошол до истите и ги презентира во јавноста, рече обвинителката.

Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски Палчо, на почетокот на денешното рочиште, побара изземање на јавната обвинителка Жаклина Крстевска и целото ОЈО Скопје во случајот поради несоодветно спроведена истрага.

Судијата Ивица Стефановски, судењето го одложи за 3-ти февруари, посочувајќи дека мора да остави простор Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски да се произнесе по наводите во барањето за изземање.

Слични содржини