Многу работи се кажани за неа и немам што да додадам, вели Мицкоски по вчерашниот напад врз Арсовска

од Nikola Popovski
23 прегледи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вели дека државата има институции и треба да постапуваат откако вчера беше нападната градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска при увид на нова дивоградба во општина Чаир. Премиерот од Охрид кратко додаде и дека „за градоначалничката на Скопје многу работи се кажани и нема што да додаде“.

Арсовска по излегувањето од ГОБ „8-ми Септември“ раскажа дека при увидот на Бит-Пазар биле опколени од поголема група луѓе, по што едниот почнал да ја навредува и физички ја нападнал пред очите на полициски припадници, кои лицето само го тргнале од неа и не направиле ништо друго. Обвини дека добила закани како ќе биде силувана.

Од МВР потврдуваат дека кај нив напладне бил пријавен нападот врз Арсовска и заканите кон неа, но додаваат оти таа не сакала да поднесе пријава, туку се упатила во болница да побара лекарска помош. Неколкумина се уапсени. Арсовска, пак, порача дека и покрај нападот, ќе продолжи да ги открива криминалите со дивоградбите.

Арсовска со недели презентира докази за дивоградбите во скопски Чаир и бара одговорност од градоначалникот Висар Ганиу, за што го информираше и Обвинителството, а и претходно известуваше дека трпи закани по нејзиниот живот. Ганиу го осуди нападот и рече дека ниту еден вработен или функционер од Чаир не е инволвиран.

Слични содржини