Алијанса за Албанците вечерва информира дека мнозинство од членовите на Централното собрание на партијата му даваат поддршка на лидерот на партијата, Арбен Таравари и неговиот предлог за учество на изборите заедно со Европскиот сојуз за промени.
-Иницијативата на претседателот Таравари доби поддршка од мнозинството на Централното собрание. За 24 часа доброволно се собрани 80 потписи на Собранието од вкупно 133 колку што брои Собранието. Поголемиот дел од Собранието на Алијансата за Албанците е јасно за сигурна промена. Претседателот Таравари повикува на мудрост, зрелост и единство, за ДУИ конечно да биде испратена во опозиција. Промените доаѓаат, стои во Фејсбук објавата на официјалната страница на АА.
Предлогот на Таравари вчера предизвика големи турбуленции во редовите на партијата. Генсекот на партијата, Кренар Лога и поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села остро се спротивставија и потегот на Таравари го нарекоа „самоволие“.
Села токму вечерва одржува вонредна прес-конференција во седиштето на партијата во Тетово.