МНР апелира до македонските државјани да го напуштат Мексико по општиот хаос по убиството на „Ел Менчо“

Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: X

Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.

Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.

Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].

-Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста, стои во соопштението од МНР.

Мексико во хаос откако безбедносните сили го убија водачот на моќниот картел Халиско, Намесио Рубен, во подземјето познат како „Ел Менчо“. Како одговор на ликвидацијата на лидерот, припадници на картелот почнаа со насилства низ целата држава. Властите пријавија најмалку 14 загинати, меѓу кои и седум припадници на Националната гарда.

Наставата во училиштата е откажана во неколку држави.

Војската се соочила со силен отпор, при што четворица членови на картелот биле убиени, а тројца тешко ранети и подоцна им подлегнале на повредите. Меѓу нив бил и самиот Ел Менчо, кој, според првичните информации, починал за време на хеликоптерскиот транспорт кон Мексико Сити.

Ел Менчо, поранешен полицаец, беше еден од најбараните бегалци во светот. Американската влада нудеше награда до 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.