МНР апелира за воздржаност од предвремени квалификации за нападот врз Кадриески

од Nikola Popovski
245 прегледи

Во врска со вчерашниот напад врз државјанин на Република Северна Македонија, Б.К. од Лабуниште, Министерството за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот. Во текот на вечерните часови, со осомниченото лице за нападот, А. Н. од Велешта, бил извршен службен разговор и известен е јавниот обвинител.

-Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедницa, велат од МНР.

Министерството ја повикува јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчистат околностите на настанот и соодветно процесуираат, согласно законската регулатива.

Според официјалните информации на МВР, Кадриески бил нападнат од А.Н., познат на полицијата, а за случајот е отворена истрага.

„На 13.06.2023 година во 12,15 часот, од страна на СВР Струга било пријавено дека во близина на спортска сала лоцирана на улица „Боро Хаџиески“ во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К. село Лабуништа. Се преземаат мерки за расветлување на околностите на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава од страна на СВР Струга“, се вели во соопштението на македонското Министерство за внатрешни работи.

Од бугарскиот клуб „Шемето“ пак велат дека Кадриески бил мета и нападнат одзади поради неговата етничка припадност и самоопределување и дека има повреди во пределот на стомакот и градниот кош.

Покрај медиумите во Бугарија, со реакција за случајот се огласи и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов која го окарактеризира инцидентот како брутален чин на насилство врз државјанин на „Република Северна Македонија со бугарски идентитет“.

Слични содржини