Министерството за надворешни работи упати апел за зрело и достоинствено однесување на најавените протести во Охрид против утрешното отворање на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“.
–Северна Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Во контекст на горенаведеното, ги замолуваме сите чинители да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите, побараа од МНР.
Ова следува откако партијата Левица најави мирни протести во Охрид против отворањето на клубот. Во текот на денешниот ден и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги поддржа протестите.
-Не гледам потреба Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија да се нарекува договор за пријателство и добрососедство, бидејќи тоа што го прават бугарската влада и бугарските политичари нема никаква врска ниту со пријателство, ниту со добрососедство. Ако ме прашате за протестот, секој има право на протест, тоа е демократско право и секој што сака нека протестира, но повикувам протестот да биде мирен за да не дозволиме повторно да печалат на ваквите настани оние кои ја втурнаа Македонија во оваа ситуација, тоа е коалицијата СДСМ и ДУИ. Го поддржувам протестот, ги повикувам граѓаните да учествуваат на него, но да не дозволиме каков било инцидент да го одвлече вниманието на јавноста од реалните проблемите на државата – инфлација, енергетска и економска криза, корупција и слично, рече денес Мицкоски од општина Бутел.