Министерството за надворешни работи ги демантира појавените информации за некаков нов договор, анекс, или било каков дополнителен текст на веќе постоечкиот Договор за пријателство со Република Бугарија.
-МНР ги отфрла ваквите шпекулации како неточни и контрапродуктивни на напорите на двете земји за надминување на меѓусебните разлики.
Односите меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија продолжуваат да се развиваат согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Во тие рамки, се преземаат сите потребни активности и ангажмани кои се во согласност со овој Договор, а кои пред сѐ имаат за цел продлабочување и интензивирање на билатералната соработка, велат од македонската дипломатија.
Според ресорното министерство, во тој контекст, е и најновата иницијатива за организирање на претстојна средба на ниво на шефови на Влада, како прв чекор за унапредување на соработката меѓу двете нови влади, внесување на нова динамика во проектите и активностите, а што е од интерес како за двете држави така и за перспективата и безбедноста на Регионот и на Европа.
-МНР цени дека пред објавувањето на вакви чувствителни информации, нивна првична проверка со Министерството ќе придонесе за поквалитетно информирање на граѓаните, но ќе значи и придонес во насока на поддршка на обидите за надминување на отворените прашања со нашиот сосед Бугарија, стои во соопштението.