Поради сериозното влошување на безбедносната состојба во Авганистан, која се менува од час во час, денес Министерот за надворешни работи Бујар Османи, свика итен координативен состанок со надлежните раководни органи во рамките на Министерството, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Со оглед дека состојбата во Авганистан во континуитет се влошува, во рамките на Министерството за надворешни работи формирана е работна група за следење на состојбите, координирање на активностите поврзани со извлекувањето на нашите граѓани од Авганистан, како и континуирано информирање.
На состанокот беа разгледани последните информации кои пристигнуваат од Авганистан, при што беше констатирано дека сѐ уште има наши граѓани кои се останати, и кои се соочуваат со потешкотии да обезбедат место во комерцијалните летови за заминување од Кабул кои се сѐ уште активни.
На нашата дипломатска мрежа дадена е итна инструкција да стапат во контакт со Министерствата за надворешни работи во земјите на нивното покривање, со цел координација при евентуално организирање групни хуманитарни летови за извлекување на нашите граѓаните затекнати во Авганистан.
Министерството веќе стапи во контакт со неколку компании кои обавуваат активности на територијата на Авганистан, при што се добиени информации за неколку десетици наши граѓани кои се наоѓаат во Авганистан, како и за плановите на компаниите за евакуација на граѓаните кои се ангажирани преку нив.
Дополнително, воспоставена е комуникација со неколку пријателски земји кои имаат свое логистичко присуство во Кабул, со цел да се подготват и логистички можности за асистенција на нашите граѓани доколку се појави потреба за тоа.
Ги повикуваме и сите граѓани кои имаат свои роднини и/или пријатели во странство да се јават на нашите дежурни телефони, каде ќе ги пријават сите информации со кои располагаат.
Дежурните телефонски броеви се:
+389 75 273 732
+389 75 446 647
Повторуваме дека останува апелот да не се патува во Авганистан, а граѓаните кои се наоѓаат таму да ги искористат можностите за напуштање на земјата кои се сѐ уште активни, а воедно и да се пријават во Министерството за надворешни работи, соопштуваат од МНР.