МНР: Ги отфрлуваме сите тенденциозни обвинувања за набавката за реконструкција на салата „Борис Трајковски“

од Stefanija Kuzmanovska

Како тенденциозни и крајно шпекулативни ги оценуваме сите тврдења и обвинувања за наводно политичко влијание или било каква форма на нерегуларност во изборот на компанија за реконструкција на салата „Борис Трајковски“. Во интерес на транспарентно информирање на јавноста, Министерството за надворешни работи ги споделува понудите од четирите понудувачи на јавната набавка за реконструкција и надградба на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ за потребите на конференцијата на ОБСЕ. Уште еднаш потенцираме дека станува збор за најголемиот меѓународен политички настан кој ќе се одржува во Скопје на кој ќе присуствуваат околу 70 министри за надворешни работи од регионот на ОБСЕ и повеќе од 1000 гости.

Како што информиравме, заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот, условот за избор на најповолен понудувач беше најсниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:

Еуровиа – 93.746.070 ден. (избран понудувач)
Второрангирана – 120.668.981 ден.
Треторангирана – 134.015.461 ден.
Четврторангирана – 374.353.297 ден.

Министерството ниту смее ниту е правно издржано да отфрли понуда која според критериумите е најповолна. Одговорно тврдиме дека не постои никакво влијание ниту нерегуларност во изборот на компанијата што е потврдено до второстепена комисија. Сите институции се добредојдени да го анализираат изборот како и спровдувањето на постапката која ќе биде по највисоките стандарди на ОБСЕ.
Уште еднаш сакаме јасно да потенцираме дека, специфичните барања за изведба на работите и нивниот квалитет, како и потребата за истите се специфични барања на ОБСЕ согласно стандардите на организацијата за организација на вакви настани.

Исто така, многу значајно е да се потенцира дека голем дел од инвестицијата останува понатаму на користење на Спортскиот Центар „Борис Трајковски“. Ова значи дека покрај тоа што ќе имаме настан организиран по светски стандарди, државата го добива и реконструиран еден од најважните спортски објекти во Скопје. Оттаму, уште еднаш потенцираме дека целата постапка е изведена по врвни стандарди, притоа грижејќи се за економично управување со буџетот и избор на понудувач.

Апелираме до политичките чинители да не го злоупотребуваат овој настан и фрлаат дамка на нашето претседателство со ОБСЕ кое е оценето како едно од најуспешните а притоа е од огормно значење за етаблирање и промоција на државата во светски рамки. Министерството им стои на располагање на сите институции кои сакаат да добијат повеќе информации за процесот на избор на најповолен понудувач, но постапката и настанот не треба да бидат користени за дневна политика и манипулација кое наштетува на угледот на како на државата така и на ОБСЕ како организација.​

Слични содржини