Министерството за надворешни работи (МНР) ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, согласно законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија, на претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели.
Истакнуваат дека Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство.
Препознавајќи ја улогата на Македонците како лојални граѓани на Албанија, претстојниот попис ќе им овозможи преку слободното изразување на својот идентитет, да ја потврдат со тоа и сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност.
-Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави, велат од МНР.
Северна Македонија и Албанија, додаваат, се земји со исклучителни пријателски односи. Од ресорот дипломатија, порачуваат дека Министерството за надворешни работи и институциите на Република Северна Македонија ќе останат во интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за прашањата кои ги засегаат идентитетските прашања.
Ова следува откако потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова престојува во Република Албанија. Бугарските медиуми јавуваат дека посетата на потпретседателката е во пресрет на националниот попис на населението во Албанија – „важен момент за бугарското национално малцинство“.
Јотова беше првиот бугарски државник кој ја посети бугарската заедница во Албанија веднаш по нејзиното официјално признавање во 2017 година. За време на посетата во Тирана ќе биде промовирана книгата на Спас Ташев „Бугарите во Албанија“.