Министерство за надворешни работи потврди дека го одбило барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград.
-Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авио-превозници во сопственост на Руската Федерација, се вели во информацијата.
Посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија беше откажана откако Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора го затворија својот воздушен простор за летот на авионот што требаше да дојде во Белград, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на информации од новинската агенција „Интерфакс“.
Откажувањето на посетата го потврди и висок претставник на Министерството за надворешни работи, кој за „Интерфакс“ изјави: „Нашата дипломатија допрва треба да ја надмине телепортацијата“.
Официјална потврда на оваа информација засега нема ниту од руското МНР, ниту од официјалните лица во Србија.
Наместо планот за најавената посета на шефот на руската дипломатија, Претседателството на Србија во понеделник во 10 часот најави средба на претседателот Александар Вучиќ со амбасадорот на Русија, Александар Боцан-Карченко.