„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија го осудува секој говор на омраза, без исклучок, посебно кога неодговорните и непромислени изјави, пораки и квалификации се упатуваат на блиски и соседни држави“, соопштија од МНР на говорот на омраза упатен од Драган Ѓуровски од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, на кое реагираше и бугарското МНР.
„Северна Македонија се залага за интензивирање и продлабочување на добрососедските односи, и се надева дека вакви изолирани и крајно несоодветни изјави нема да наидат на било какво разбирање кај нашите граѓани“, велат од министерството за надворешни работи.
Инаку Министерството за надворешни работи на Бугарија најостро го осуди говорот Ѓуровски, во кој тој дава навредливи и вулгарни квалификации кон Бугарија и кон нејзиниот народ.
Во својот говор, младиот член на ВМРО-ДПМНЕ зборува со голема омраза кон Бугарија.
„Ние нема да преговараме кој е Гоце Делчев и на кого припаѓаат Илинденците. Дали заборавија на Букурешт од 1913 година, кога ги проширија своите граници на сметка на Македонија и започнаа со асимилација, денационализација и депортација … Нема да има промена во историјата по волја на татарските фашисти … Оваа одвратна бугарска рака ги удираше Македонците … Тие тврдат дека имаме заедничка историја. Секако дека имаме. Ова е неоспорен факт. Единствената заедничка историја се црвените“, рекол Ѓуровски.
Според бугарското МНР, ваквите провокации се косат со сите основни европски принципи и норми на политичко однесување.
„Тие се симбол на стереотипите наследени од минатото, кои се во спротивност со декларираното од Република Северна Македонија и желбата на нејзиното општество да ги сподели европските вредности и да се приклучи на заедничкото европско семејство“, се вели во позицијата на Министерството за надворешни работи .
„Бугарија отсекогаш покажувала конзистентност, транспарентност и конструктивност во односите со соседите. И покрај сите наши манифестации на добрососедство, нашата земја продолжува да биде предмет на демонизација и говор на омраза во домашната политичка дебата во Република Северна Македонија, што е неприфатливо. во современиот демократски свет“, посочува бугарското МНР.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема став во однос на говорот од пред неколку на членот на Унијата на млади сили, Драган Ѓуровски, во кој тој користи зборови како „Татарски фашисти“ и „одвратна бугарска рака“.
На прашање од Локално како го коментираат говорот на Ѓуровски и дали е тоа официјален став на партијата, од „Белата палата“ нема реакција.